Од денес па се до 14 ноември трае пријавувањето за годинешната награда „Најдобар промотор на Македонија“.

Номинирањето е јавно и секој може да предложи кандидат со испраќање пријава на официјалната адреса на Организаторот [email protected] или преку Твитер на Best promoters MK nagrada, а право на учество имаат поединци или групи на луѓе кои во текот на оваа година активно ја промовирале Република Македонија и државните интереси.

Годинава главните награди ќе се доделуваат во три категории – уметност и наука, туризам, извоз и претприемништво и дипломатија од добра волја. Независно од овие категории се доделува наградата за животно дело и специјалната награда за личноста која ќе освои најмногу гласови од јавното гласање. Дополнително може да бидат доделени и награди или подароци обезбедени од физички и правни лица. Сите награди се почесни и на победниците не им се доделува никаква парична награда.

Гласањето ќе се врши од 23 ноември 2011 до 25 јануари 2012 година преку специјално поставениот линк www.facebook.com/Macedonia.BestPromoterAward, а прогласувањето на победниците е на 15 февруари 2012 година.

Изборот на победници го врши жири според измерениот просек на анкетата и гласањето, односно 50 отсто од анкетата и 50 отсто од жирито. Наградата за животно дело ја доделува жирито.

Проектот Macedonia Loves you функционира од 2007 година и преку низа настани ја промовира убавината на Македонија, пријателството и разбирањето меѓу луѓето.

OhridNews