Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Општинскиот фудбалски сојуз Охрид (ОФС) во соработка со фудбалската агенција за тренери во млади категории од Холандија, „Coerver“ со седиште во Србија во нашиот град организираат тридневен семинар за тренери од југо-западниот регион.
Охрид е четврти град домаќин на семинарот во Македонија. Претходно вакви семинари се одржаа во Скопје, Тетово и Струмица. Учество на семинарот кој започна со теоретско предавање на првиот човек на агенцијата, Ренато Пирша зедоа тренери од екипите кои се натпреваруваат во Детската фудбалска лига југо-западен регион.
После теоретското предавање тренерите од Детската фудбалска лига имаа практичен дел на кој работеа по програмата на „Coerver“. Ваквиот вид на тренинзи одамна е имплементиран во фудбалски школи и академии во англискиот премиерлигаш Стоук, португалската Бенфика и шкотскиот гигант Глазгов Ренџерс.
Фудбалската агенција за млади тренери „Coerver“ името го има добиено од холандскиот фудбалер Wiel Coerver, кој деноноќно ги анализирал деталите прегледувајќи ги натпреварите на Пеле, Марадона, Јохан Кројф и други легенди во неговото фудбалска доба. „Фудбалскиот ајнштајн“ како што го нарекуваат во светот на фудбалот роден е 1924 година, а починат 2011 година на 86 годишна возраст.
Мх.П.