Иако се забранети за јавна продажба петардите и други пиротехнички средства се лесно достапни за децата. За стотина денари можат да се купат исто толку петади „пиратки“ па оттаму и не чуди што во градот деновиве започна вистинска „војна“ со петарди. Граѓаните се жалат дека постојано се вознемирени и дека петадри пукаат постојано.

Ново избраниот командир на Полициската станица во Охрид, Добре Петрески, непосредно по назначувањето изјави дека препродавачите на петарди ќе се гонат согласно законот. „Согласно законот продажбата и користење на петарди се смета како прекршок, а во поголеми количини може да се смета и како кривично дело, но во Охрид нема масовна продажба на петарди “ вели Петрески. Но, во секој случај користењето на петарди се смета за прекршок и против лицата кои од страна на полицијата ќе бидат затекнати да употребуваат петарди ќе биде поднесена прекршочна пријава, додава Петрески.

Најмногу петардите ги употребуваат децата. Притоа тие не водат многу грижа за последиците. Покрај тоа што ги вознемируваат граѓаните лесно може да дојде и до несакани последици, пожар, но и самоповредување. Стотици илјади  лица годишно страдаат од употреба на петарди во светот, а голем број од нив загубиле прсти или се здобиле со тешки повреди на рацете.

Г. Момироски