Со цел подостоинствени услови за пациентите и вработените во објектот Маларична започна санација на надворешниот дел. Како што информира директорката на ЈЗУ Здравствен дом Охрид, Ајсел Зејноска првично се менува дограмата, по што ќе следат и другите предвидени интервенции.

ЈЗУ Здравствен дом Охрид започна со реализација на договор за јавна набавка со кој ќе се извршат поправка на фасадата со цел заштеда на електрична енергија, поставување на настрешници за амбулантните возила за нивна заштита, поставување бекатон од „Димитар Влахов“ кон влезот, поставување ПВЦ под во внатрешниот дел над плочките со цел да се подобрат условите за работа на вработените, но и условите за пациентите и останати работи поврзани со интервенции на објектот Маларична. Станува збор за обезбедени над 3 милиони денари исклучиво од сопствени средства на Здравствен дом Охрид, вели Зејноска.

Потенцира дека изминатиот период значително се подобрени условите во Здравствениот дом и е подобрено нивото на здравствената заштита, со комплетно опремување на лабораторијата со најсовремена медицинска апаратура, опремена е и Стоматологија, а реновиран е и вакциналниот пункт во склоп на Општата Болница, каде што се вакцинираат бебињата и децата од училишна возраст. Со средства од Светската банка претходно е извршено реновирање на внатрешноста на објектот Маларична.

Истакнува дека збогатен е и возниот парк на Здравствениот дом со четири амбулантни возила со целосна опрема, а обезбедено е и возило за тимот за домашна посета.

Периодов комплетно се реновира и амбулантата во Белчишта која беше комплетно руинирана и немаше никави услови за работа. Опфатени се кровот, фасадата, внатрешниот дел, а обезбедени се околу 6 милиони денари сопствени средства, додава Зејноска.

Посочува дека пред почетокот на летната сезона Маларична ќе го добие ликот на репрезентативен здравствен објект кој има квалитетни медицински тимови.

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски