Започна реконструкцијата на патниот правец Охрид- Велестово што ќе се одвива во две фази. Проектот, за чија реализација се обезбедени 164000 евра, е изработен од страна на општина Охрид, а е финансиран од Агенцијата за патишта на РМ.

Ќе бидат реконструирани две делници од овој пат, едната делница на влезот во селото и делницата што се протега од бензинската пумпа до објектот на НП Галичица, делница која е со најголеми оштетувања.Овој пат последен пат е реконструиран во далечната 1983 година, што значи дека воопшто не е реконструиран повеќе од три децении, поради што сметавме дека овој зафат е од приоритетно значење не само за луѓето кои живеат во селото и имаат вили и викендички, туку и во насока на развојот на руралниот туризам и за подобар пристап кон националниот парк Галичица, изјави градоначалникот Никола Бакрачески.

Од месната заедница Велестово изразија благодарност за реализацијата на проектот кој е од особено значење за селото.

Среќни сме што после толку години конечно оваа тешка машинерија се искачи до нашето село. Благодарност и до групата млади луѓе кои живееме за селото Велестово и се надевам дека со помош на локалната самоуправа ќе ги оствариме нашите животни цели. Ова нека биде само почеток на нашата соработка со локалната самоуправа и упатувам апел- да имаат слух за нашите мали барања. Со асфалтирањето очекуваме и повеќе гости да го посетат селото кое е навистина атрактивно место, рече Никола Кочоски,  претседател на месната заедница Велестово.

Како што потенцира градоначалникот со овој проект истовремено ќе се изврши реконструкција и проширување на патот кој ќе биде со ширина од 4 метри и со две банкини од страните.

Првата фаза од реконструкцијата се очекува дека ќе заврши за 15 дена, а во период од една година ќе заврши и втората фаза од проектот.

Т.К.