Денес започна асфалтирањето на патот од авто- кампот Елешец до селото Елшани во должина од 2258 метри. Како што информира градоначалникот Никола Бакрачески, патот се реконструира по изминати четири децении, со средства од кредитот добиен од Светска банка.
– Патот ќе се асфалтира во просечна ширина од 4 метри и секако ќе се изврши и реконструкција на банкините. Ќе биде ставен висококвалитетен асфалт со дебелина од 7 сантиметри. Со реконструирањето на овој пат значајно ќе се подобри квалитетот на животот на жителите во Елшани и сите кои гравитираат кон овој дел од општината. Секако ќе придонесе и кон развој на туризмот на овие места кои навистина во изминатите децении претендираат да бидат туристички места, рече градоначалникот Бакрачески.
Од месната заедница на Елшани изразуваат благодарност до локалната самоуправа за обновувањето на патот кон селото кое брои 700 жители, од кои дел живеат од туризам.
– Благодарност до локалната самоуправа што се изнајдени средства за решавање на овој горлив проблем за жителите. Патот беше со големи оштетувања, со асфалтирањето и проширувањето многу ќе е подобро за сите. Елшани е доста посетено и од страна на странските туристи, рече претседателот на месната заедница, Игор Шопоски.
Вкупната вредност на проектот е 7 милиони и 610.000 денари. Изведувач е акционерското друштво „ Илинден“ од Струга. Градежните активности се очекува да завршат во текот на наредните 30 дена.
Т.К.