Реализацијата на проектот за реконструкција на инсталациите на Хидробиолошкиот институт  за одгледување на подмладокот на вештачки измрестената охридска патрмка кои се изградени пред 72 години (1935 година), започна денеска.


започна реконструкцијата на мрестилиштето во Хидробиолошки

Средствата се обезебедени со проект на институтот преку донација на Владата на кралството Норвешка во износ од околу 130.000 евра. Исто така од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство се ветени 23.000 евра, средства за изградба на биофилтер, односно мала езерска акумулација за пречистување на водите од мрестилиштето, информираше Зоран Спиркоски раководител на проектот во Хидробиолошкиот институт.


Со изградбата на новото мрестилиште
ќе се зголеми заштитата на пастрмката-Зоран Спиркоски

Како што објаснува Спиркоски, на овој начин капацитетот на мрестилиштето се зголемува на 4,5 до 5 милиони единки подмладок на пастрмка кои во специјални услови се одгледуваат во период од 6, односно 9 месеци. Според него тоа ќе придонесе не само во унапредувањето на процесот на вештачкиот мрест, туку и во заштитата на охридската пастрмка.

„Добиваме еден покриен простор со најсовремена опрема која што е наменета за одгледување на ваков вид риби, но видоизменета и прилагодена на вештачкиот мрест на охридската пастрмка“, рече Спиркоски. На тој начин ќе се вброиме во таканаречените високо опремени мрестилишта и можам да кажам дека ова ќе биде едно од најсовремените мрестилишта на Балканот, додаде Спиркоски.


Новото мрестилиште треба да биде завршено до април 2008г.

Изградбата на новото мрестилиште се очекува да заврши до април 2008 година, информираше Спиркоски. Тој објасни дека во првата фаза која отпочна денеска предвидува изградба на фундаментот и покриениот простор за одгледување на рибата, додека втората фаза набавка и поставување на опремата, а се очекува новиот подмладок на пастрмка наредната година да почне да се одгледува во новите инсталации.

„Колкава количина подмладок ќе се одггледува во мрестилиштето не зависи од планирањето, туку од фактичката состојба која годиниве наназад не е најповолна и затоа е потребно најпрвин соодветно да се заштити охридската пастрмка за да можат да се обезбедат потребните количества икра“, рече Спиркоски.

Според него состојбата со охридската пастрмка е алармантна бидејќи не е обезбедена максимална физичка заштита и што е најбитно не се усогласени македонското и албанското законодавтсво. „На албанската страна сеуште не постои конкретна забрана, освен за време на мрестот, а сведоци сме дека и кај нас постои рибокрадство“, рече Спиркоски.

Според него пастрмката сеуште немилосрдно се лови, а седумчлената рибочуварска служба  што ја формира Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство е неефикасна бидејќи за соодветно физичко обезбедување на езерото се потребни најмалку 50 рибочувари. Спиркоски објаснува дека постои и нов начин на обезбедување на Охридското Езеро со видео надзор на целиот брег за кој Хидробиолошкиот институт изработил елаборат кој предвидува видео контрола на македонската страна од Охридското Езеро.

Горан  Момироски
фото: Васко Бујароски