Реконструкцијата на западната трибина на стадионот Билјанини Извори официјално започна денеска.

На симболичниот чинј присуствуваа претседателот на Фудбалската Федерација на Македонија (ФФМ) Сејдини и градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.

  • Денес правиме значаен чекор за фудбалот во Охрид, но не само за Охрид, верувам дека и за целата земја. Благодарност до УЕФА, бидејќи со HatTrick 6 програмата на УЕФА, после изградбата на едната трибина ќе добиеме уште една нова трибина на стадионот „Билјанини Извори“, која ќе има капацитет од околу 3.500 гледачи. Заедно со другата трибина капацитетот ќе биде околу 5.000 гледачи, и во иднина можеме да добиеме еден стадион каде што ќе можат да играат сите репрезентации, вклучувајќи ја и А репрезентацијата. Имаме добра соработка со градоначалникот Пецаков, морам да му се заблагодарам за рекордното време за вадење на документацијата за да можеме да го отпочнеме денес овој проект кој што ќе биде од големо значење за фудбалот во Охрид и во земјава. Овој објект ќе чини околу 3.300.000 евра. – изјави Претседателот на ФФМ Муамед Сејдини.

 

  • Со овој проект или симболичниот почеток на изградба на оваа трибина некако ги заокружуваме чествувањата на „Св.Климент“ – Патронот на градот Охрид. Огромен проект за нас од многу аспекти, посебно од спортски и сето она кое што го правиме со вложување во спортската инфраструктура, некако како круна ќе ни дојде градскиот стадион кој што по завршување на комплетниот проект ќе биде со доволен број на седишта или над 8.000 седишта кои што се потребни за добивање на А лиценца за одигрување на натпревари на репрезентативно ниво и секако и меѓународни натпревари. Стадионот ќе има модерно осветлување и следното кое што ќе го вложуваме тука ќе биде и нова трева со најнова технологија, нешто по принципот на спортскиот стадион во Скопје за да имаме што е можно подобри услови за спортистите, не само за локалните клубови туку и за сите оние кои што ќе гостуваат или пак ќе доаѓаат на подготовки во иднина. Повеќе од горд сум, година и пол-две разговаравме наназад за овој проект со претседателот на Фудбалската федерација, обезбедена е потребната документација а ние како град подготвени сме да ги завршиме преостанатите работи за да добиеме стадион каков што Охрид ама и Македонија заслужува. – истакна градоначалникот Пецаков.

Проектот за изградба на новата западна трибина беше предаден од страна на ФФМ до Општина Охрид во октомври годинава.

Според истиот, новата западна трибина се очекува да има капацитет од 3.500 седишта и дополнителни простории, вклучувајќи 8 скај-боксови за ВИП зони. Ова е вториот инвестициски проект на ФФМ во стадионот во Охрид, по изградбата на источната трибина според меѓународни стандарди.

Покрај инвестициите на ФФМ, со овој договор Општина Охрид се обврзува да ги изгради и двете трибини зад головите, како и осветлувањето, со што стадионот ќе се трансформира во модерен спортски објект спремен за одржување на меѓународни натпревари, вклучувајќи ги и оние на македонската А репрезентација.

OhridNews

Фото: А.Момироска