Градежна механизација денеска ги започна работите за реконструкција на булеварот „Македонски Просветители“ во центарот на Охрид, која беше најавувана изминатиот период, за што беше изготвена соодветна документација.
Денеска започнуваме со изградба на булеварот „Македонски Просветители“ којшто документационо беше завршен во изминатиот период. Во моментов ќе тендерираме само уште две работи кои не беа завршени со документација. Рокот е 6 месеци, во кои ние тековно ќе ги средиме сите потребни документи и тендерот за осветлување и со тоа ќе имаме комплетно булеварско решение со осветлување, двосмерна велосипедска патека, пешачки патеки од двете страни и нов коловоз. – истакна градоначалникот Кирил Пецаков
Согласно проектот, паркирањето на булеварот „Македонски Просветители“ во иднина ќе биде од спротивната страна, под агол од 45 степени.
На отпочнувањето на градежните работи присуствуваше претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, како и раководителите на јавните претпријатија и други лкокални функционери во новата локална самоуправа.
Промените во Охрид започнуваат со многу проекти и со сериозна динамика во реализацијата на активности, оние коишто беа отпочнати, но и оние кои од ново ќе започнат, а кои се дел од програмата на нашиот кандидат Кирил Пецаков. Тоа што за нас е важно е ветувањата коишто ги дадовме пред охриѓани и граѓаните на Македонија да ги реализираме и да ги исполниме, да создадеме нова иднина, што всушност беше и нашата главна порака на овие избори, да покажеме дека не се сите исти, затоа што на народот му е преку глава од поделби и неуспеси, народот сака да види резултати и исполнување на ветувањата. – изјави Мицкоски.
К.А./Г.М.