Општина Охрид денеска го објави првото барање за добивање на Б- интегрирана еколошка дозвола.

Издавањето на Б- интегрираните еколошки дозволи е исклучива надлежност на единиците на локалната самоуправа. Таа е задолжителна за сите правни субјекти кои се регистрирани како загадувачи на животната средина. Тоа се индустриски погони, бетонски бази, живинарски фарми и други инсталации кои со својата работа вршат загадување на животната средина.

Согласно Законот за животна средина сите овие претпријатија се должни до Секторот за урбанизам, заштита на животна средина и комунален развој да поднесат барање за добивање дозвола за усогласување со оперативен план. Подносителот со добивањето на оваа дозвола се задолжува да имплементира серија мерки и најдобри достапни техники за намалување на загадувањето, односно влијанието на инсталацијата врз сите медиуми на животната средина. Интегрираната Б еколошка дозвола има важност 7 години. Во тој период правното лице кое ја добило дозволата ќе биде подложено на постојана контрола од еколошките инспекциски служби кои ќе проверуваат дали доследно се имплементираат мерките за заштита на животната средина.

Согласно законските прописи барањето се објавува во еден дневен весник и на веб страницата на општината каде заинтересираните граѓани ќе можат да се информираат за содржината на барањето и да поднесат забелешки на истото.

Ohridnews