Со организирањето на првиот регионален форум во Југозападниот плански регион започна процесот на генерирање на проектни идеи за развивање на проекти за програмскиот период 2024/2025 година.

Околу 50-тина претставници на значајните засегнати страни од Регионот на форумот одржан во Струга ги утврдија приоритетите според кои Центарот за развој во следниот период ќе ги развие проекти со кои ќе аплицира кај Министерството за локална самоуправа, односно Бирото за регионален развој.

Низ форумската дебата главен акцент беше ставен на потребите на граѓаните, при што, во прв ред, како приоритетни беа утврдени потребите за подобрување на локалната патна инфраструктура, зголемување на капацитетите на ЈКП и Противпожарните единици преку набавка на возила и опрема, како и зголемувањето на енергетската ефикасност на јавните објекти во општините. На листата се најдоа и идеите за подобрување на образованието во функцијата на потребите на МСП и особено на занаетчиските дејности, а акцент беше ставен на потребите од подобрувањето на услугите во туризмот, имајќи ја во вид генералната слика дека Југозападниот плански регион е профилиран како најзначаен туристички регион во државата. Во овој контекст се истакнаа и потребите за подобрување на општата слика во животната средина, со акцент за решавање на проблемот со отпадот, информираат од Центарот за развој на Југозападен плански регион.

Во следниов период, потенцираат, ќе бидат разработени проектните концепти, кои форумот ќе ги разгледа и оцени на втората сесија што ќе се одржи кон крајот на ноември.

Потоа ќе следува процесот на подготовка на потребната техничка документација и обликување на проектните апликации по што Советот за развој на регион ќе утврди со кои проекти Центарот за развој ќе аплицира кај Министерството за локала самоуправа, односно Бирото за регионален развој, додаваат од Центарот за развој на Југозападен плански регион.

Се очекува да бидат поддржани проекти од регионално значење во висина од 58 милиони динари, средства што ќе се обезбедат од централниот буџет на државата од следната и од 2025 година.

OhridNews