Најдобриот македонски ракометар, Кирил Лазаров и агенцијата КМГ Спорт и оваа година, во Охрид, ќе го организираат ракометниот камп „Кирил Лазаров 7“. Пријавувањето за учество во кампот започна на 1.февруари, а повеќе информации за овогодинашната понуда на кампот и како може да се партиципира сите заинтересирани може да најдат на www.kmgsport.mk.


Поради големиот интерес кој минатата година имаше за кампот на Лазаров, оваа година тој ќе биде организиран во две смени (17. до 23.јуни и од 24. до 30.јуни), а планирано е низ него да поминат помеѓу 250 и 300 момчиња и девојчиња на возраст од 10-18 години.

„Како обврска ни се наметна оваа 2016-та година да го подигнеме нивото на организација на кампот за едно скалило погоре. Тука пред се мислам на подигање на условите за тренинг и развој, тренери и гости од кои навистина ќе има што да се слушне и види како и во делот на дружење и забава на учесниците. Подготовките се во полн ек, а од 1-ви февруари стартуваше и пријавувањето за учество на кампот кој оваа година е планирано да се одржи во две смени. Во иднина самиот камп ќе го добие префиксот интернационален имајќи предвид интересот за учество на кампот од земји од соседството и цела Европа“, изјавил Лазаров.


Кампот како проект е планиран да биде еден вид на база за селекција на млади играчи, на кои им е потребна надградба во секоја смисла на зборот (во делот на спортот, едукација за здрава исхрана, спортски бон-тон итн.) .

Во период од седум дена секое лето најдобриот светски десен бек Кирил Лазаров, сегашни и бивши репрезентативци, големи имиња од светот на ракометот и наједуцирани македински и европски тренери ќе имаат свое место во мозаикот на ракометниот камп.

Според програмата која е предвидена сите членови на кампот ќе имаат максимални услови, опрема и стручна помош за усовршување, едукативни предавања за здрава исхрана, дружење и многу забава.

OhridNews