До крајот на неделава тече рокот за пријавување на заинтересираните млади невработени луѓе и фирмите на конкурсот за реализација на проектот за посредување при вработување, што го распиша секторот за локален економски развој. Два јавни конкурси. На едниот ќе може да се пријавуваат младите невработени кадри, а на другиот заинтересираните компании. Доколку бројот на заинтересирани за вработување, како и компании биде поголем од потребниот ќе биде извршена договорна селекција.
Проектот за посредување при вработување “ЕМУ 2“ , со реализација ќе започне на почетокот од март. Во проектот ќе бидат вклучени триесет (30) невработени млади луѓе до 35 години, со високо или средно образование, кои три месеци ќе волонтираат во компаниите заинтересирани за нивната струка. Целта на проектот како што ни изјави општинскиот координатор, Ѓоко Апостолов, е да се поттикне вработувањето на младите и да се воспостави врска помеѓу бизнис секторот и квалификуваниот кадар.
Кандидатите за време на волонтирањето нема да примаат плата, но ќе добиваат надоместок за храна и патување во висина од 5.000 денари. По завршувањето на проектот тие ќе добијат сертификат за волонтерски стаж, а целта е што поголем број од нив да останат во редовен работен однос и по завршувањето на проектот. Ова е втор ваков проект кој се реализира во општина Охрид. Минатата година од 30 волонтери, 16 засновале постојан работен однос.