Започна Охридскиот пливачки маратон, прва од четирите трки на распоредот на серијата Ултра пливачки маратони на Светската пливачка федерација (ФИНА). Стартот на трката беше означен во 11 часот кај Свети Наум, а првите маратонци на целта кај Градското пристаниште во Охрид се очекува да стигнат за приближно шест часа. Се плива 25км патека “Климе Савин”.
Меѓу 12 пливачи и седум пливачки учесници на маратонот се неколку познати имиња, како Марк Антоан Оливие од Франција, светски шампион на пет километри, бронзениот медалист од Олимиписките игри во Рио де Жанеиро и шестопласиран на Олимпијадата во Токио, потоа неговиот сонародник Аксел Рејмонд, светскиот шампион на 25 километри за 2019 година, како и нашиот Евгениј Поп Ацев, победник на ФИНА Светската серија на Ултра маратони 2019 година. Од нашите маратонци во водите на езерото влезе и Александар Илиевски.
Кај жените на стартот, меѓу познатите се освојувачката на сребро на десеткилометрскиот маратон во Доха – Ошан Касињол, како и ветеранката и нам добро позната неколкукратна победничка на охридскиот маратон – Пилар Гељо од Аргентина.
Инаку, организатори на Охридскиот маратон се Пливачката федерација на Северна Македонија и ФИНА, а следната сабота на 28 август ќе се одржува и трка од серијата маратони на 10 километри на ФИНА.
OhridNews