Општина Охрид упатува апел до сите доставувачи на роба во Охридската чаршија истата да ја реализираат со мали моторни возила поради новогодишното украсување на градов што започна денес.

Доставувањето на робата да се врши внимателно со цел да не се оштети Ѕвезденото небо што ќе блесне над чаршијата и градскиот плоштад и да не се уништат останатите новогодишни реквизити. Доставувањето на роба со мали возила во чаршијата ќе биде се додека новогодишните реквизити го красат Охрид.

Општина Охрид

Надлежните служби на општина Охрид, утрово започнаа со новогодишно украсување на градот. Според најавите годинава Охрид ќе блесне во полн сјај и ќе биде најубаво украсен во споредба со претходните неколку години.

Ѕвезденото небо ќе блесне над чаршијата и плоштадот „Св. Климент Охридски“ , а градските паркови ќе бидат накитени со новогодишна лед мрежа. На соодветни локации во центарот на Охрид ќе бидат поставени новогодишните украси:пакет, лампион и елен. На плоштадот „Св.Климент Охридски“ ќе биде поставена голема новогодишна елка.

Кружните токови кај Охридска Банка и гимназијата „Св. Климент Охридски“ ќе бидат разубавени со новогодишни фонтани.

Улиците „Македонски просветители“ и „Македонија“ кај истоимениот кеј ќе бидат украсени со новогодишни топки и мразулци, а „Туристичка“ со новогодишни украси во вид на снегулки.
Според најавите и годинава покрај централното, ќе бидат накитени и периферните делови на градот со постоечките реквизити кои се сопственост на општина Охрид.

Oпштина Охрид

Украсувањето на Охрид според планираното треба да заврши во првата половина на месец декември. Накитениот Охрид се очекува да ги воодушеви бројните гости и туристи кои за Новогодишните и Божиќни празници ќе престојуваат кај нас.

OhridNews