Започна Меѓународната едриличарска регата во Охрид која се одржува денес и утре во организација на Здружението за спортско едрење Акватика Јахтинг, а под покровителство на Едриличарската федерација на Република Македонија и Општина Охрид.

Претседателот на Едриличарската федерација, Будимир Соколовиќ изрази голема благодарност до сите поддржувачи на едриличарската регата потенцирајќи дека нема дилема дека оваа манифестација станува препознатлив бренд на Охридското Езеро.

Едрењето е спорт кој ја развива независноста и автономијата, ве учи да зависите сами од себе, да ги развиете сите ваши сили и доблести и кога ќе биде тешко време да се соочите со најјаките ветрови и бранови. Сами сте и соочени со сето тоа. Така се развиваат сите потребни доблести за раст и развој во јака личност. Со едрењето покажувате дека ја сакате природата, дека го почитувате езерото и дека сте спремни да се соочувате со опасностите. Уште старите Римјани рекле „Во здраво тело, здрав дух“. Чест ми е што сум опружен со толку млади едриличари и се надевам дека еден ден некој од вас ќе го видиме и на Олимписките игри, рече Соколовиќ.

Пред учесниците се обрати и советникот Перчо Божиновски, како претставник од локалната самоуправа кој рече дека со ова големо спортско случување се продолжува туристичката сезона во Охрид.

Успеавате преку овој спорт да го поставите Охрид високо на меѓународната спортска карта. Јахтарењето е сериозна активност, чини скапо во однос на вложување на труд и пари, а со самото тоа што сте се одлучиле да се занимавате со него, создавате услови за развој на спортскиот туризам кај нас. Токму затоа ние како локална самоуправа ќе поддржуваме вакви случувања. Вас ви треба езерото како воздух, како можност за вистински живот, а вие ни требате нас, затоа што сте двигатели на вакви убави спортски настани кои и во иднина ќе ги поддржуваме, додаде Божиновски.

Свеченото отворање беше на плажа „Горица 1“ – „К’j Дивоно“ со регатно поле во Охридскиот залив.

Регатата се одржува во класите Optimist, ILCA 4 и 470, а учество земаат учесници од клубовите JK „Палич“ од Палич, Србија, JK „Панонија 1975“ од Бела Црква, Србија, ЈК „Смедерево“ од Смедерево, Србија, ЦСЈЦ „Централ Софија Јахт Клуб“ од Софија, Бугарија, ЕК „Снегар“ од Струга и домаќинот „Акватика Јахтинг“ од Охрид.

Н.С.Ј.
фото. К.С.