На 28 вакцинални места во спортската сала „Билјанини извори“, денеска треба да бидат вакцинирани 1100 граѓани, пријавени во системот „Мој термин“, со што и официјално започна масовната имунизација на граѓаните од Охрид и регионот. Вакцинацијата ја спроведуваат 50 медицински лица.

Дали ќе дојдат сите пријавени, не можам да кажам, меѓутоа апелирам сите што се пријавиле и што имаат закажан термин да дојдат и да се вакцинираат. – изјави Др. Горан Балевски, директор на Општа болница Охрид, чиј персонал заедно со екипи на Здравствен дом Охрид, Центарот за јавно здравје, други здравствени установи и волонтери го спроведуваат процесот на вакцинација во регионалниот центар во спортската сала „Билјанини извори“.

Иако стартот на масовната имунизација со нетрпение беше очекуван во јавноста, до овој момент за вакцинација од Охрид и регионот пријавени се околу 15000 граѓани. Првиот вакциниран пациент имал 90 години, а во текот на денот тука доаѓаа повозрасни граѓани, дел од нив со здравствени проблеми.

Ние цело време повикуваме да се пријават што повеќе луѓе, за да можеме да вакцинираме што е можно повеќе. Затоа и спортската сала „Билјанини извори“ е избрана за регионален вакцинален центар, каде се ангажирани голем број екипи, за да можеме безбедно и ефикасно да ја извршиме имунизацијата. Ние можеме да вакцинираме околу 1500 луѓе во еден ден, меѓутоа луѓето треба да доаѓаат и да се вакцинират. – рече Балевски.

Др. Горан Балевски и Др. Ѓоко Константинов

Според Балевски, веројатно ќе биде потребно време луѓето да сфатат дека вакцинацијата е единствено нешто со што можеме да ја победиме оваа пандемија.

Единствен лек за овој вирус е вакцинацијата. Нема добра и лоша вакцина, сите се добри вакцини. Битно е да се вакцинираат луѓето, да сфатат дека ова е единствен начин да се спасиме од оваа болест. Точно е дека тоа е на доброволна основа, но луѓето мора да разберат дека мора да се вакцинираат и дека вакцината има минимални несакани ефекти, а максимален бенефит. – додаде Др. Балевски.

Во процесот на имунизација помагаат и вработени во локалната самоуправа и Јавното претпријатие „Билјанини извори“.

Што се однесува до проблемот со Црвениот крст, чија екипа денеска беше вратена од вакциналниот пункт, Др. Балевски со став дека сега е потребен секој што сака и е обучен да помогне.

Потребен ни е секој што може да помогне. И јас сум активист на Црвениот крст, како што ќе се укаже потреба од обучен кадар, а таков има во Црвениот крст Охрид, ќе бидат вклучени. Секој човек што сака да помогне не гледам причина да не биде примен, се разбира да е добро едуциран и да ја познава целата проблематика. Ова со што се соочуваме сега е нешто ново, ваков тип на вакцинација немало до сега, исто немало и ваков удар на здравствениот систем, меѓутоа ние како регион со толку болници кои имаат врвен кадар, како што се општите болници во Охрид и Струга, Кардиологија, Костозглобна, Нефрологија, очекувам дека ќе ја победиме оваа пандемија. – истакна Др. Горан Балевски.

Вакцинацијата во Охрид се врши со кинески вакцини произведени од компанијата „Синофарм“

Г.М.

Обновено: На екипата на Црвен крст Охрид не и бил дозволен пристап до вакциналниот пункт од координаторот во салата „Билјанини извори“, тој тврди дека таа била необучена и несоодветна