На пресекот помеѓу булеварот „Туристичка“ и ул. “Бистрица“, ќе се се гради вториот кружен тек на најзначајната и најфреквентна градска сообраќајница.

На терен веќе започнаа подготвителните работи, а по завршување на изградбата Охрид ќе добие современо сообраќајно решение кое значително ќе го растовари сообраќајот во овој дел од градот и ќе придонесе за зголемување на безбедноста, истакна градоначалникот Никола Бакрачески.

– На овој начин сакаме да го решиме долгогодишниот проблем на жителите од овој дел на градот, пред се безбедноста на пешаците и велосипедистите. Како што знаете во минатото на ова место се случија голем број незгоди, меѓутоа во исто време сакаме да го регулиораме сообраќајниот метеж којшто на оваа крстосница се создава за време на летните месеци.-изјави градоначалникот Бакрачески.

Изградбата на кружниот тек ќе се реализира со средства од Светска банка во висина од 5,9 милиони денари. Изведувач на работите ќе биде АД „Илинден“ од Струга со подизведувачи.

Се планира овој проект да биде завршен за триесетина дена. Дијаметарот на кружниот тек е 12 метри. Тој ќе биде модерно хортикултурно уреден и ќе има соодветна сигнализација и атмосферска канализација.-рече Бакрачески.

Бакрачески истакна дека изградбата на кружниот тек е една од многуте активности на општината кои ќе се реализираат во наредниот период.

На настанот  присуствуваа директорите на општинските јавни поретпријатија, членови на кабинетот на градоначалникот, советници, како и претставници на Урбаната заедница Воска, кои истакнаа дека оваа населба со децении е заборавена од градските власти.

-Ова е мошне значаен проект бидејќи се наоѓа на главната сообраќајница во Охрид и ќе овозможи непречено движење на возилата, а на жителите од Воска ќе им овозможи безбедно вклучување и исклучување од истата.- изјави Горан Митрески, претседател на УЗ Воска.

Покрај овој проект, пред два дена започна изградбата на спортско игралиште кај Грашница, во тек е изградба на фекална и атмосферска канализација во Далјан, а следува целосно уредување на улиците „Трајче Трајчески“, „Мичо Гилиќ“, Сатеска“, како и на крајбрежјето и плажите.

Г.М.