Министерството за економија започна со исплата на ваучерите за локален туризам за работниците со ниски приходи, наменети за локалните хотелски објекти. Како што информираше министерот Крешник Бектеши, досега се исплатени 23 милиони денари за 2000 ваучери. Согласно крајниот рок во Министерството биле пристигнати над 4.000 апликации.

По завршувањето на изборниот процес, Министерството за економија започна да плаќа финансиска поддршка за мерката ваучери за организирани одмори на работниците со ниски приходи. Според Локалната туристичка програма за работници со ниски приходи за 2021 година, подготвени се 38 милиони денари за околу 3.500 домаќинства, информираше Бектеши кој додаде дека поддршката за секторот туризам останува приоритет на Министерството.

Ваучерите за туризам може да се искористат најдоцна до 30 ноември 2021 година во домашните туристички капацитети. Мерката беше воведена со цел да им се овозможи на лицата кои нивните месечни приходи во семејството не го надминуваат нето износот од 30.000 денари да искористат годишен одмор во туристичките центри во државава, што од друга страна треба да претставува финансиска помош за туристичките капацитети надвор од туристичката летна сезона.

Како што информираа претходно од ХОТАМ во изминатите два месеци хотелските капацитети долж охридското крајбрежје се празни и работат со загуба. Од Асоцијацијата истакнаа дека било побарано обновување на минатогодишната државна помош која ќе им овозможи на капацитетите да не работат со загуби. Според хотелиерите 2022 година ќе биде година на преживување, а закрепнување на секторот може да се очекува дури во 2023 година.

К.А.