Започна имплементацијата на проектот „Зелена младина – Зелена иднина” кој има за цел да го зголеми нивото на еколошка свест кај младата популација како целна група, конкретно поврзано со постојаниот проблем – цврст отпад во водите на Охридското Езеро.

Преку низа активности ќе се унапредуваат еколошките сознанија кај младите и ќе се поттикнува нивно учество во еколошки акции, настани и иницијативи, информираат од здружение Клуб за нуркање „Акватек“.

Во период од 12.02.2024 до 16.02.2024 година се одржа дел од активноста за едукација во основните училишта, како дел од проектот. Учениците од централното училиште OОУ „Григор Прличев”, Охрид од 4то одделение и од подрачното истоимено училиште во населба Рача, од 4то и 5то одделение, во серија од 5 едукативни работилници/презентации се информираа за проблемот со цврст отпад во Охридското Езеро. Ги надградија своите знаења за тоа како настанува тој проблем и на кој начин предизвикува штета. Се нагласија клучни пораки за значењето за зачувување на Охридското Езеро и добија насоки за усвојување зелени навики и практики. Преку еко-крстозбори, едукативни прашалници и квизови, на креативен начин ги потврдија стекнатите знаењата, потенцираат.

Проектните активности, велат, треба да доведат до долгорочни придобивки за локалната заедница и да резултираат со еколошки освестена младина која делува во насока на зачувување на природното наследство и биодиверзитетот.

Проектот „Зелена младина – Зелена иднина” кој го реализира здружението Клуб за нуркање „Акватек“ Охрид се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – Regional Programme on Local Democracy in the Western Balkans, која е финансирана од Европската унија (Delegation of the European Union, Skopje), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP MK).

Проектот „Зелена младина – Зелена иднина” е кофинансиран од Општина Охрид.

OhridNews