Часови не делат од завршувањето на оваа и влегувањето во Новата година. Како одминува времето така расте новогодишната еуфорија. Атмосферата во Охрид е величенствена. Прекрасно украсените шеталишта и кејот се преполни со туристи. Во кафулињата и рестораните одлична атмосфера. Голем дел од хотелските капацитети се исполнети до крај.

Илјадници граѓани на Охрид и туристи вчера присуствуваа на предновогодишната забава на градскиот плоштад на која настапија повеќе ансамбли од Охрид и Св. Николе.

Покрај ова на плоштадот се одржа и голема хуманитарна акција што ја организираа  учениците од ОУ „Кочо Рацин“. Оваа акција беше посветена на Тоше Проески и  собраните средства ќе бидат донирани за помош  при изградбата на манастирот Св. Преображение во Крушево. Акцијата  со својот настап ја помогнаа и групата „Камелеон“, Ѓоко Танески, Жармена и Мартин.


„Камелеон“ и Ѓоко Танески

Предновогодишното загревање на плоштадот продолжува денеска со традиционалната детска забава.

Главната забава за дочекот на Новата година ќе започне во околу 22 часот. Како што е познато годинава во Охрид ќе настапат Александра Пилева, Мартин Вучиќ и охридската група Блум. Пилева ќе настапи во придружба на струшкиот бенд „Мама“, додека Мартин ќе биде придружуван од “Блу Функ Индивидуалс”, кои ги знаеме како пратечкиот бенд на Тоше Проески.

Од организацискиот одбор информираат дека за безбедноста на посетителите на дочекот на новата година ќе се грижи приватно обезбедување, а засилено ќе биде и присуството на полицијата. Организаторите апелираат до граѓаните да се воздржат од употреба на петарди и други пиротехнички средтва за да се избегнат несакани инциденти на дочекот на Новата година.

ohridnews