Посетителите, во текот на двата дена од фестивалот, имаат можност на поставените штандови да пробаат вино и сирење од околу петнаесеттина производители од земјава.
Фестивалот е во организација на Здружението на одгледувачи на овци од западниот дел од Македонија.
– Овде сточарите од различни краеви на земјава имаат можност меѓусебно да се запознаат. Овчарите се доста затворени и ова е прекрасна можност за остварување на меѓусебни контакти помеѓу производителите , но и со оние кои го откупуваат сирењето. Се продаваат големи количини сирење и има доста голем интерес поради квалитетот на изложените производи. Поради сложената документација која е потребна, не сме во можност да извезуваме надвор од нашата земја. Затоа, многу ни значи секоја подршка и промоција, како и државните субвенции со кои се подобрува состојбата во овчарството која воопшто не е розова, вели Меџит Амити, претседател на Здружението на овчари.
Фестивалот е подржан од охридскат Локална самоуправа и Секторот за туризам и локален економски развој.
– Секогаш сме заинтересирани во Охрид да се одржуваат вакви манифестации, пред се поради продолжување на туристичката сезона. Сакаме да ги подржиме производителите на сирење и вино затоа што мора да признеме дека овие два производи се многу значајни за Македонија. Наредната година во план е на фестивалот да учествуваат и претставници од околните земји, истакна претседателот на Советот на општина Охрид, Душко Јаковчески.
Како што истакнаа учесниците на фестивалот, целта е што повеќе да се промовираат овие две гранки и остварат контакти и со претставниците од бизнис секторот . Со зголемување на продажбата и самите производители се стимулираат повеќе да произведуваат, велат тие.