Црвен крст Охрид во соработка со Работната Единица за Превентива на деца и младинци при Здравствен дом Охрид  реализира проект со наслов „Клубови за промоција на оптимално доење и дохрана на доенчиња и мали деца“.


Со цел редуцирање на ранливоста на доенчињата и малите деца, 360 мајки и нивните бебиња, од Охрид и Дебарца, во текот на една година активно ќе учествуваат на 36 едукативни работилници кои ќе ги водат 3 лекари педијатри и 8 медицински сестри.


Преку формирање на специјално наменети клубови, мајките ќе се едуцираат за правилно доење и дохрана на своите доенчиња и мали деца. На тој начин ќе се изградат капацитети за идна врсничка (мајка-на-мајка) едукација и поддршка во клубовите, а воедно ќе се промовира концептот на ексклузивно доење на доенчиња до 6 месечна возраст и навремена и природна дохрана на доенчињата и малите деца со локално достапните хранливи продукти, со што ќе се редуцира морбидитетот кај доенчињата со оптимално доење и дохрана.


Заедно со уште 68 проекти од цела Македонија, проектот „Клубови за промоција на оптимално доење и дохрана на доенчиња и мали деца“ на Црвен крст Охрид, беше претставен на донаторската конференција што во организација на Црвен крст на Македонија се одржа во март минатата година, а на која учествуваа 14 Национални друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина од целиот свет. Шпанскиот и австрискиот Црвен крст покажаа интерес за помош и поддршка на проектот на Црвен крст-Охрид, во период од 18 месеци.

Ohridnews