Во водите на Охридското езеро започна едриличарската регата „Охрид 2017“ во организација на Јахтинг клубот Акватика од Охрид. Вкупно петнаесет екипажи од Македонија и Србија ќе учествуваат на првата регата организирана од охридскиот клуб. Стартот и целта на регатата е на Градското пристаниште, а едрилиците ќе продефилираат по плажите Парк и Куба Либре.

– За прв пат под наша палка ќе се одржи едриличарска регата во водите на Охридското езеро за големи едрилици (минотонци, микротонци и крузери). Се надеваме дека овој настан ќе стане традиционален во Охрид и ќе има повеќе вакви регати, а не само една во текот на летниот период. Временските условите се поволни, имаме ветар и се е на наша страна на почетокот од регатата. – рече преставникот од Јахтинг клубот Акватика.

 

Логистика и помош клубот за организација на едриличарската регата доби од Општина Охрид, која активно учествува во сите спортски манифестации во Охрид.

– Во целата оваа охридска приказна Општината Охрид предводена од градоначалникот Никола Бакрачески активно учествува од логистика до помош за одржување на настанот. Општината и во иднина ќе ги подржува ваквите манифестации кои преставуваат заштитен знак и препознатлив белег на Охрид. – потенцираше Ангел Јанев заменик градоначалник во Општината Охрид.

 

За безбедноста на учесниците на едриличарите на регата се погрижи Капетанијата на пристаништата во Охрид. – Секогаш, Капетанијата на пристаништата во Охрид кога има спортски манифестации сама истапува како логистичка поддршка, односно за одржување на безбедност на натпреварувачите. Сакам да ја поздравам и поддржам идејата за едриличарската регата и во иднина да имаме повеќе натпреварувачи од сите земји на Балканот. Соработката со Акватика клубот и другите клубови на вода ние на највисоко ниво, бидејќи ние заедно функционираме во добро и во лошо. Секогаш заедно се бориме со поволните и неповолните работи во езерото и затоа соработуваме заедно и на спортски план и на оној на кој не сакаме да ни се случи, односно во несреќи. – додаде првиот човек на Капетанијата на пристаништата во Охрид, Горан Устијаноски.

Едриличарската регата ќе трае два дена, а прогласувањето на победниците е в сабота со почеток во 18 часот.

Мх.П.