Советникот на египетскиот претседател за безбедност Есам Ел-Хадад изјави дека во тек е државен удар и дека очекува војската со сила да ги растера приврзениците на Морси кои протестираат паралелно со неговите противници,пренесува „Макфакс“.

„Во денешно време ниту еден воен удар не може да успее без големо крвопролевање кога постои толкава сила на народот“, изјави советникот Ел-Хадад, пренесе Reuters.

Египетските сили за безбедност му забранија претходно на претседателот на Египет Мухамед Морси и на уште неколку некои значајни исламистички сојузници да патуваат во странство.

Управата на аеродромот потврди за AFP дека доби наредба да спречи некои лидери да патуваат во странство, меѓу кои и Морси, лидерот на Муслиманско братство Мухамед Бади и неговиот заменик Каират ал-Шатер.

Египетската војска денеска ја опколи зградата на државната телевизија во Каиро, а во зградата останаа само вработените кои се неопходни за емитување на пограма во живо.

МНР со препорака до граѓаните кои патуваат во Египет

Со оглед на последните случувања и внатрешни немири во Египет, при што повеќе градови беа зафатени со протести проследени со насилства и човечки жртви, Министерството за надворешни работи им препорачува на сите македонски граѓани кои патуваат или планираат да патуваат во оваа земја, да ги избегнуваат местата каде што може да има протести или масовни собири и да обрнат поголемо внимание за сопствената безбедност.

Воедно, МНР на македонските граѓани им препорачува редовно да ја следат состојбата во Египет, како и да го контактираат Министерството за надворешни работи за евентуални дополнителни информации, а во случај на потреба за асистенција и помош, македонската Амбасада во Каиро.

OhridNews
извор:„Макфакс“