Синоќа во Трпејца беше отворено четвртото издание на културно – забавната манифестација „На зајдисонце“ во Трпејца. Во присуство на голем број туристи и жители на оваа крајезерска населба деветдневното дружење со културата, уметноста и рекреативните содржини во името на градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески и покровителот општина Охрид, манифестацијата ја поздрави и отвори советникот Климе Шешо.
– Општина Охрид, со поддршката на вакви манифестации,покажува дека е цврсто определена да го помага развојот на руралните, а особено туристичките средини. Покрај тоа што инвестираме во инфраструктура , финансиски и логистички ги подржуваме и културните настани, бидејќи сме свесни дека со тоа го подобруваме животот на жителите, а воедно ги збогатуваме алтернативните форми на туризмот, кои се атрактивни, особено за странските туристи, истакна Шешо.
„На зајдисонце“ го организира Здружението „За Трпејца со љубов“ со поддршка од Месната заедница и Црковниот одбор како и бројни спонзори и донатори од Трпејца, Охрид и Македонија. По чинот на отворањето присутните имаа можност да се запознаат со уметникот Павел Целкоски и неговите графики. Вечерта со својот настап ја збогати ансамблот „Билјана“.
Денеска, започна и Школата за пливање со професор Соња Думбалоска – Делова , а професор Габриела Неделкоска и годинава, ја раководи Школата за англиски јазик. Во вечерниот термин од 20 часот и 30 минути ќе биде прикажан документарниот филм „Тајните на Охридското Езеро“ а за сопствените најнови подвизи ќе зборува меѓународниот нуркачки инструктор Милутин Секулоски од клубот „Амфора“ .
OhridNews