Деновиве сме сведоци на разгорување на дебатата на политичките опоненти, кои според жестината на вокабуларот кој го употребуваат најавуваат жешка политичка зима. Повеќе од очигледно е дека објавениот датум за локални избори, 15 март, ги разбуди амбициите кај политичките елити кои неофицијално ја започнаа кампањата за освојување на локалната власт.

И додека скриената политичка битка засега се отсликува преку размена на мислења за двневно политичките настани кои ја тангираат работата на локалната самоуправа, официјално не се истакнуваат кандидатурите на потенцијалните претенденти за градоначалник. Неофицијално пак, амбициите не ги кријат повеќе актуелни политичари кои се најекспонирани во јавноста во последно време.

Партиите пак и натаму молчат или не знаат кој ќе ја трча градоначалничката трка во Охрид? Кој ќе биде опонентот на Александар Петрески на наредните локални избори? Во ВМРО ДПМНЕ засега не даваат одговор на тоа прашање. Велат дека во тек е демократска процедура во која се испитува рејтингот и се оценуваат квалитетите на повеќе кандидати. Меѓу нив тројца актуелни пратеници, Цветко Грозданов, Анита Кипаризоска и актуелниот претседател на општинскиот комитет, д-р Владо Стефаноски, државниот советник за води Дејан Паноски. Тука се и кандидатите за наследник на  актуелниот претседател на општинскиот комитет, меѓу кои е и сегашниот директор на Охридско лето, Тони Симоноски. Но, дали ВМРО ДПМНЕ има таен адут, или името на кандидатот за градоначалник се крие на овој неофицијален список, ќе пресече шефот на партијата Никола Груевски, велат извори од локалниот комитет. СДСМ го чека потегот на владејачката партија, која не ги крие амбициите дека Охрид и е меѓу најважните општини во земјава. Социјалдемократите како што неофицијално се најавува ќе застанат зад актуелниот градоначалник, кој беше победничка опција пред неполни 4 години.

Но, дали политичката битка за Охрид ќе се сведе само на ривалитетот помеѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ? Прашање на кое одговорот го кријат условно кажано помалите политички партии. Ќе истрча ли НСДП на локалните избори со својот локален фронтмен Ацо Попоски или нема да се делат гласовите на сегашните коалициони партнери? Прашање. А, прашање е дали можеби ВМРО НП, за која се погласно се зборува дека ќе се реактивира по политичкото згаснување на парламентарните избори, ќе покаже амбиции на следните локални избори. Политичките аналитичари не ја отфрлаат таквата можност. Ова дотолку повеќе, што на политичката сцена деновиве активно се враќа лидерот во сенка на „народњаците“, Љубчо Георгиевски. Тоа според познавачите е јасен сигнал дека старото крило на ВМРО ДПМНЕ нема да биде нем посматрувач на  случувањата на политичката сцена. Се зборува дека токму ВМРО НП би можела јавно да ја поддржи евентуалната кандидатура за претседател на државата на екс министерот за внатрешни работи Љубе Бошкоски, кој политичките амбиции засега ги најави преку новоформираното граѓанско здружение. Но дали партијата ќе се реактивира еднонаменски? Во Охрид ВМРО НП има забележителна улога на локалната политичка сцена. Нејзината советничка група е меѓу најактивните и највлијателните во работата на градското Собрание. Згора на тоа на минатите локални избори нивниот кандидат за чекор ја загуби трката за градоначалник. Ќе трчаат ли повторно „народњаците“? Одговорот на ова како и на многууте други навидум отворени политички прашања ќе бидат познати во ноември кога се очекува партиите да ги отворат сите карти, затоа што времето за вистинска политичка кампања е кратко. До тогаш граѓаните ќе се изнаслушаат уште многу теории и политички реплики. Иако се жестоки во меѓусебната пресметка политичарите засега битката за Охрид ја водат со маневарска муниција. Тешкото оружје се полни во рововите. Ни претстои жешка политичка зима.

Горан Момироски