Регистрираните земјоделците од Охридскиот регион, до 12 април 2010 година, ќе може да аплицираат за субвенции од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2010 година. Акредитацијата од оваа програма важи за три мерки: Инвестиции за подобрување на конкурентност и модернизација на земјоделски стопанства, Инвестиции за доработка, преработка, складирање, пакување и маркетинг на земјоделски производи и Финансиска поддршка на промотивни активности за развој на рурален туризам. На ниво на цела Македонија од оваа програма се планирани вкупно 33 милиони и 785 илјади денари .
-Еден барател може да поднесе најмногу две поединечни барања по различни мерки, односно под-мерки. Условите кои треба да ги исполнуваат барателите на средства се утврдени во самата Програма и Уредбата за спроведување на политиката за рурален развој. Финансиската поддршка ќе се исплаќа по принцип на ко-финансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50% од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестиции, доколку поинаку не е определено.-се вели во јавниот оглас на оваа програма.
За потребните обрасци и инфорамциите за условите за аплицирање, земјоделците ќе може да се обратат во Подрачната единица на Агенцијата за подршка на земјоделството во Охрид.