Синоќа во Охрид свечено беше отворено 8-то издание на Охридскиот хорски фестивал, кој се одржува со поддршка на општина Охрид, а во организација на Охридскиот хор.
Членовите од 22 хорови од 11 европски земји кои се дел од годинешното фестивалско издание  ги поздрави заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев.  

-Вас почитувани хористи од Словенија, Унгарија, Полска, Турција, Германија, Романија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Белорусија и Финска, вас пренесувачи на културата на вашите земји преку најстариот инструмент, човечкиот глас ве уверувам дека, охридскиот хорски фестивал е фестивал  со традиција и респект – рече Јанев.

Фестивалот има ревијален  и натпреварувачки дел кој опфаќа неколку категории. Пријавените хорови во наредниве фестивалски денови  ќе се претстават на натпреварувачките концерти, концертите на духовна музика, поп и фолк концертите.

Жири комисијата ја сочинуваат реномирани лица од музичкиот свет и тоа: Магдалена Липска (Полска), Аљоша Новаковиќ (Босна и Херцеговина), Запро Запров (Македонија), Дора Халас (Унгарија) и Дарина Чакарова (Бугарија).

Влезот за фестивалските ноќи што се одржуваат во   хотелот „Инекс Горица“ и црквата Св. Кирил и Методиј (католичка црква) е слободен, а за посетителите кои ќе го најават своето присуство подготвени се пригодни изненадувања.

Фестивалот завршувана 31-ви август во понеделник.

OhridNews