Синоќа во ЦК „Григор Прличев“ свечено беше отворено 62-то издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри.

Пред присутните се обрати заменик градоначалникот на Охрид, Перчо Божиновски кој истакна дека со одржувањето на оваа манифестација се продолжува долгогодишната традиција и на највеличествен начин се слави значењето на танцот и музиката како универзални вредности на народите.

Облечени во боите на својата земја, со сјај во очите и нескротлива енергија учесниците од повеќе европски земји ја претставуваат својата култура, традиции и обичаи кај нас, а со тоа потврдуваат дека најдобрата врска меѓу народите е музиката и танцот. А токму преку нив од дамнина се изразувала тагата или радоста, гордоста или очајот на Балканските народи. Преку фолклорот се отсликува генетскиот код на еден народ и токму затоа Балканскиот Фестивал кој е најстара културна манифестација од ваков тип на Балканот е толку значаен и го зазема фестивалскиот примат, рече Божиновски.

Додаде дека полека, но сигурно се ситни седмата деценија од првото заиграно оро и отпеана песна на сцената на Доллни Срај.

Оттогаш почнува магијата, а до денес на фестивалот учествувале неколку десетици илјади учесници, инструменталисти, играорци, пејачи од сите континенти во Светов. Сите тие дефилирајќи низ охридската чаршија најавуваат долго топло лето во Охрид со надеж за плодна туристичка сезона. Јас верувам дека уживавте на изложбата од „Љубанишча до Дебор“ од колекцијата на Љупчо Милошески, а повеќе од сигурен сум дека ќе уживате и во претстојните фестивалски ноќи, додаде Божиновски.

Настанот се одржува под покровителство на Собранието на Република Северна Македонија, а свое обраќање имаше и потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски.

Поради лошите временски услови отворањето на фестивалот наместо на сцената на Долни Сарај беше преместено во НУЦК “Григор Прличев” – Охрид.

Инаку, на сцената на Долни Сарај со почеток од 20.30 часот до 9-ти јули љубителите на фолклорот ќе имаат можност да погледнат настапи на ансамбли и културно-уметнички друштва од државата, но и од Словенија, Полска и САД.

Влезот за фестивалските ноќи е слободен.

OhridNews