Со традиционалното читање на Константиновата „Т’га за југ“, поетско послание на познатиот сириско-либански поет со светска слава Адонис, кој се обрати во име на сите поети учесници и лауреати на „Златниот венец“ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата во Струга синоќа почна 54. издание на Струшките вечери на поезијата.

Струшките вечери на поезијата, како што истакна министерката Канческа-Милевска се голем триумф на македонската култура и традиција која несомнено на еден благороден начин го збогатува европскиот и светскиот културен простор. Струшките вечери на поезијата, додаде, се еден искрен придонес на нашата држава во заемното запознавање и почитување на културите и градењето на новата димензија на пријателството меѓу народите во светот.

-Оваа манифестација, преку која  одекнува полифоничноста на поетскиот збор,  е најголем афирматор на поетските вредности  на сите светски јазици, но и на универзалниот сон на човештвото кој едноставно вели дека историјата ја уништува идејата за вечноста,  а поезијата може да го спаси светот. Веќе пет децении Струга е домаќин на  овој импозантен поетски собир, кој благодарение на групата македонски поети кои во почетокот на шеесетите години ја иницираа идејата за СВП стана исклучителен книжевен симбол за секој поет, рече Канческа-Милевска.

Адонис, лауреат на СВП во 1997 година, во чест на 50-годишниот јубилеј на највисокото фестивалско признание „Златниот венец“, во своето поетско послание говореше за интеграцијата на човекот во универзална културна машина која мисли наместо него, нагласувајќи дека поезијата мора да излезе од таа фабрика.

-Поезијата нема да излезе од рутината измислувајќи некоја нова удобност за човекот кој би ја трансформирал во еден вид на проповедање и би станала дискурс на банализација и информација. Таа ќе избега од оваа апорија, од оваа склероза, кога човекот ќе пишува за себеси, себеиспрашувајќи се за своите маки и распетија, физички или метафизички. Кажувајќи ги работите без никакво учење и надвор од секаков систем на мислата, рече Адонис.

Поезијата, додаде тој, ги разнишува стереотипите и значи вечно движење кон откривање на креативната енергија на светот.

По свеченото отворање настап имаше музичката група „Фолтин“, а потоа се одржа поетското читање на учесниците од платформата „Версополис“, каде поканетите поети од овој проект читаа поезија, а публиката уживаше во прекрасните стихови.

На манифестацијата учествуваат 44 поети од 29 земји, меѓу кои Шпанија, Шведска, Индија, Германија, Норвешка, Австралија, Чиле, Јапонија, Израел, Словачка, Русија, САД, Либан, Мексико, Молдавија…

Во рамки на фестивалскат апрограма, освен  во Струга денеска поезија ќе се чита и во Охрид, Ресен, Битола и Скопје. Ќе се одржат и поетски читања од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“, како и поетски времеплов „50 години Златен венец“ -омажи на лауреатите на СВП.

OhridNews