Околу 17.000 “пиратски“ ЦД-а што беа запленети во координираната акција на МВР, Управата за јавни приходи, Царината, министертсвото за култура и уште неколку инспекциски служби  во Охрид ќе бидат уништени на депонијата Дрисла во Скопје.

Како што веќе информиравме, во акција што беше спроведена на 10 мај од десет специјализирани  дуќани низ градот беа одземени 14.000 незаконски копии на ЦД-а и  3000 ДВД-ја , а како што информираше Мите Костов, претседател на Координативното тело за заштита на интелктуалната сопственост, биле запленети и повеќе пиратски ЦД-а  и од две физички лица кои вршеле незаконска продажба во чаршијата.


дел од запленетата “пиратерија“

Две продавници во кои се продавале „пиратски“ ЦД-а и тоа „ЗЗ Топ“ и „Кукузел“ (обете на ул. Цар Самоил) се времено затворени на 30 дена, а против лицата кај кои е затекната незаконската стока ќе бидат поднесени соодветни пријави соопшти МВР.


“Кукузел“ под клуч

Повеќето од инспекторите вклучени во акцијата биле од Охрид, но имало и од Скопје. Ова не е прва ваква акција во Републиката. Пред Охрид имало вакви „посети“ и во Скопје, Велес, Битола и Куманово.

Костов информираше дека тука нема да се запре со акцијата и дека предмет на проверка во иднина ќе бидат и медиумите и сите други правни субјекти кај кои постои сомневање дека го прекршуваат законот за заштита на интелектуална и индустриска сопственост.

С.К./Г.М.