Во контејнер со банани што во Грција пристигнал од Латинска Америка биле откриени 161 килограм и 23 грама кокаин, што всушност е втора пратка и поврзана со онаа од почетокот на мај кога македонската и грчката полиција во координација со американската ДЕА запленија 104 килограми кокаин и беа уапсени вкупно 14 лица во Северна Македонија и Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

На 02.06.2023 полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, Единица за недозволена трговија со дрога, заедно со грчките колеги на пристаништето во Солун презедоа заеднички активности за откривање и вадење на наркотичната дрога кокаин во количина од 100 пакувања, односно во секој контејнер биле пронајдени по 50 пакувања со кокаин, со вкупна тежина од 161 килограм. Притоа, кокаинот беше пронајден во специјално направени бункери – крипти во шините од подот на двата контејнера. Одделот за крим-полиција во текот на следната недела ќе достави известување до надлежниот Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, соопшти портпаролот на МВР, Сузана Прањиќ Талевска.

Од грчката полиција денеска соопштија дека станува збор за „едно од најголемите количества кокаин откриени на грчка територија“.

Шефот на секторот за односи со јавност на полицијата во Солун Христос Димитракопулос објасни дека по запленетите 104 килограми и 600 грама кокаин на почетокот на минатиот месец, кога беше разбиена повеќечлена криминална организација и беа уапсени 10 лица во Грција и четири во Северна Македонија, имале информации дека на атинското пристаниште ќе пристигне нова пратка со банани и скриен кокаин.

Од дополнителната истрага спроведена од полициски службеници во соработка со канцеларијата на ДЕА во Атина, властите на Северна Македонија, Царината во Пиреа и Солун, Регионалниот тим за борба со дрога, Централното пристаниште во Солун и Центарот за Полициска соработка на Југоисточна Европа, произлезе дека на пристаништето Пиреа ќе пристигнат уште два контејнери со банани, каде што ќе бидат скриени количества кокаин, објасни Димитракопулос.

По наредба од истражен судија, пратката била запленета и пренесена на пристаништето во Солун, каде што вчера бил извршен претрес, по што било откриено дека во специјални надворешни делови биле скриени 100 пакувања со вкупно 161 килограм и 23 грама кокаин, а процените се дека фрогата е во вредност од минимум 3.200.000 евра.

За првиот случај на почетокот на мај во Грција беа уапсени десет лица, а на девет од нив им беше одредена мерка притвор.

OhridNews

фото/видео МВР