На граничниот премин Богородица при контрола на автобус на 25-ти март биле откриени два килограми хероин за чиј шверц се осомничени двајца македонските државјани. Дрогата ја набавиле во Истанбул и сакале преку Македонија да ја транспортираат во Швајцарија.
Според информациите од Царинската управа, завчера во 4:30 часот на ГП „Богородица“ за влез во државава е пријавен автобус сопственост на турската превозна компанија „Јадран туризам“ со турски регистарски ознаки кој сообраќал на редовна линија Истанбул – Струга, со 43 патници.
-При детална контрола на автобусот во багажниот простор во црна патна торба со дупло дно, царинските службеници пронашле 4 црни кеси обвиткани со селотејп, наполнети со кафеава прашкаста материја со вкупна тежина од околу 2 килограми, за која со тестер за наркотици „НИК“ е утврдено дека е хероин. Никој од патниците не се јавил како сопственик на торбата, пишува со соопштението на Царината.
По преземање на случајот од страна на инспекторите од Одделението за истраги при Царинската управа, во координација со Основното јавно обвинителство – Велес, веднаш се преземени активности за пронаоѓање на сопственикот на дрогата и за утврдување на сите факти и докази во врска со кривичното дело.
-Од спроведените предистражни мерки, инспекторите откриле дека торбата со дрога им припаѓа на двајца македонски државјани кои по претходен договор и план за пренос на дрога, отпатувале во Истанбул каде набавиле околу два килограми хероин и имале намера прво да го пренесат во Македонија, а потоа да го транспортираат во Швајцарија каде требало да го продадат. Во Истанбул, едниот од осомничените заедно со уште едно лице – турски државјанин ја спакувале дрогата и ја сместиле во црна патна торба со изработено дупло дно, информираат од Царинската управа.
Против осомничените е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и им е одреден 30 дневен притвор.
OhridNews