Американката Сара Барнс се нашла зад решетки под обвинение дека го запалила едно од најстарите стебла на чемпрес на светот, соопштиле властите во Флорида. Истражителите рекле дека двајца сведоци ја идентификувале Сара Барнс како личноста која на 16 јануари го запалила стеблото на чемпрес високо 36 метри, кое го носело името „Сенатор“. Дрвото било старо околу 3500 години.
Според локалните медиуми, Барнс со мобилен телефон го фотографирала пожарот. Во претресот во нејзината куќа во Винтер Парк во централна Флорида, биле пронајдени метафетамин и други наркотици, а запленети биле нејзиниот телефон и лаптоп. Барнс на истражителите им рекла дека го запалила дрвото додека била под дејство на дроги.