Со промоцијата на тритомниот труд „Summa Aesthethicae“ на академик Георги Старделов и со изложбата „Tempi non passati“ на академик Глигор Чемерски синоќа во Куќата на Уранија беше заокружена годинашната „Научно-уметничка визита“ на МАНУ во Охрид.
Пред бројниот аудиториум љубители на уметноста и на пишаниот збор, се обрати претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски кој се осврна на биографијата на неговиот колега, академик Старделов.
-Денеска одбележуваме еден исклучително значаен јубилеј, 85 години од раѓањето на академик Старделов. Му посакувам уште многу години живот и да успее во неговата намера да го доврши започнатото дело, односно да го објави и четвртиот том посветен на охридската естетика од неговите три тома естетички студии на јужнословенската, балканската и европската естетика, рече Камбовски.
Тој истакна дека академик Старделов има огромен придонес за македонската филозофија, наука и култура, а неговиот научен опус е богат со поетски антологии, 20 тина филозофски книги, бројни беседи, рецензии, критики и голем број интервјуа за важни општествени прашања. За значењето на делата на Старделов говореа и професорите Иван Џепароски и Ферид Мухиќ.
Академик Старделов во своето обраќање пред присутните ја искажа својата подготвеност да работи упорно и конзистетно и на четвртиот том посветен на охридската естетика и Свети Климент. Тој го цитираше Гете кој вели дека „среќен е оној човек кој успеал својот почеток да го затвори со својот крај“.
-Воопшто не ми беше лесен целиот процес на истражување и пишување. Во тие години од својот живот поминав низ бројни драматични моменти, но сепак го завршив тоа што го почнав и тоа ме прави особено среќен. Во себе чувам уште многу идеи кои ако Бог даде да поживеам ќе успеам да ги реализирам, затоа што моите книги се во мене, постојано размислувам за нив, а пишувањето е само некаква техника на обликување, рече академик Старделов.
По промоцијата на трите тома од студијата „Summa aestheticae“ беше отворена изложбата на академик Глигор Чемерски насловена „Tempi non passati “или „Времиња кои не изминале, не се изгубиле“.
Авторот на изложбата, Чемерски уште еднаш изрази задоволство за прекрасната прилика неговите дела да го збогатат амбиентот во чест на јубилејот од раѓањето на неговиот колега, Старделов.
-Јас се уште сликам и изложувам заради неодложноста и неизбежноста на уметноста. Имено, моето сликарство знае повеќе за мене отколку што јассамиот знам за себе, рече Чемерски пред присутните.
За неговите најнови триесетина слики беседа одржа академик Влада Урошевиќ.
-Еве не пред најновите слики на Чемерски. Но тие слики како да ни се веќе познати, тие не потсетуваат на некои што веќе сме ги виделе со потписот на овој сликар. Во нив Чемерски се навраќа кон некои свои неодамнешни инспирации, како што е споменот од младоста, затворајќи ги на тој начин еден од круговите на својот голем и богат опус. На тој начин, како што е и самиот наслов на изложбата, постојат времиња кои не се изминати ниту изгубени и кажано на еден прустовски начин, минатото ги вложило своите скапоцени мигови во споменот кој поткрепен низ оствареното дело , останува да трае победувајќи ја минливоста, истакна Урошевиќ.
Сите љубители на уметноста ќе можат да ја погледнат изложбата на академик Глигор Чемерски во текот на наредните две недели во Куќата на Уранија.
Ивана Чичоска