На предлог на Министерството за економија, Владата на денешната седница донесе Одлука за замрзнување на цените на лимон, портокал, мандарина и грејпфрут и клементини.
Според Одлуката за посебни услови за трговија на одделни стоки се определува највисока трговска маржа на овие производи за трговски друштва и трговец поединец која се применувала во периодот од 1 јануари 2020 година до 11 март 2020 година кога од страна на Светската здравствена организација (СЗО) беше прогласена пандемија на Коронавирусот COVID- 19.
Според Одлуката оваа маржа ќе важи до 30 април 2020 година. – соопшти Владата.
ТРГОВЦИТЕ САКААТ ДА ПРОФИТИРААТ
Согласно состојбата за прогласување на пандемијата, трговците овие денови ја зголемуваат продажната цена на јужното овошје, каде што цената на лимонот драстично се зголеми и достигна 180 денари по килограм.
Според податоците добиени од Царинската управа за период од 11.03.2020 година до 19.03.2020 година увозната цена на портокалите се движи од 15 денари за килограм до 29,7 денари за килограм. Најизразена е маржата кај лимоните со оглед на тоа што увозната цена се движи од 32,3 денари по килограм до 45 денари по килограм. На ден 19.03.2020 година увозната цена на лимонот била 35 денари по килограм, а малопродажната цена достуигна и до 180 денари по килограм, информира владата.
Оваа одлука е со цел да се надмине злоупотребата на моменталната состојба на пазарот за да се заштитат потрошувачите во услови на зголемена побарувачка на пазарот на овие производи и цената да се врати на нормално ниво. Одлуката ќе стапи на сила откако ќе биде објавена во Службен весник. – велат од Владата.
Министерството за економија овој Предлогот за замрзнување на цените на јужното овошје го достави до Владата откако се зголеми бројот на пријави од страна на граѓаните за енормно зголемување на цените овие производи.
Апелираме до сите граѓани кои во трговските објекти ќе увидат енормно зголемување на овие производи да пријават во Државниот пазарен инспекторат. Казните за оние кои ќе ги прекршат Одлуките на Владата се движат до 5.000 евра, па и казна затвор согласно членовите 205 и 206 од Кривичниот законик. – предупредува Владата.
OhridNews