Сиромашен човек лежи на тротоар облечен во партал алишта кои најверојатно му се и за лето и за зима. Покрај него поминува река луѓе и речиси никој не го забележува. За жал ова не е сцена од американски филм, туку слика во близина на центарот на Охрид кај мини маркетот (Макси-Д).


Живот ли е ова, што ли е? Се прашува нашиот читател Милан кој ги направи овие фотографии. Ситиот не го верува гладниот или поради секојдневните проблеми кои ги имаат граѓаните веќе не реагираат на вакви сцени, коментира тој и се прашува дали денес живееме или само преживуваме?


Според податоците од Бирото за вработување во Охрид има околу 12 000 невработени лица, а според податоците од Центарот за социјална работа околу 1500 семејства се социјално загрозени и се на работ на егзистенција. За жал некои лица живеат крајно мизерен живот, без дом, семејство и грижа, оставени сами на себе на улица. Во Охрид како и во повеќето градови во земјава нема прифатни центри за таквите лица. Тие на лето и некако преживуваат, а и сонот им е попријатен на топлото време. Но набрзо ќе застуди и престојот на отворено нема да биде толку пријатен, ако воопшто постои пријатен престој на улица.

Г. Момироски