Синоќа во Центарот за култура „Григор Прличев“ публиката имаше можност да види и да се соживее со еден несекојдневен настан, мултимедијален проект насловен „Замисли си го невидливото” кој е плод од заедничката соработка на Охридскиот театар и групата „Арт Агент” од Шведска.
Кореографката Ана Калблад која учествува во двата дела т.е „Театарот тропа на врата” и претставата „Унисекс” со образложение за тоа што всушност преставува и како е замислен целиот проект кој се состои од три дела:
„Мултимедијалноста ја искористивме како алатка за да направиме спој на две времиња – минатото и сегашноста. Ние како постар театар кој датира од 1766 сакавме да размениме искуства со Охридскиот театар како релативно помлад и идеите кои ќе произлезат сакавме да ги преставиме токму преку овој заеднички проект чија цел е преку сликите и движењата во двата филмови, т.е филм и кореографија и перформансот да иницира размислување за родовите прашања, но и за други тематики поврзани со театарската уметност.“
За главната идеја на проектот, актерката Шарлоте Аберг потенцира:
„Нашата цел со овој проект беше да направиме нешто ново, невидено, а за тоа ја искористивме нашата креативност и визија како актери за соработката да биде успешна. Целиот проект е склоп, синтеза од театар, визуелна и партиципативна уметност така што на моменти или генерално доминираат емоциите и не може се да се разбере од она што го прикажуваме, но важно е дека целиме кон размислување во повеќе насоки и од повеќе аспекти. “
За родовите аспекти кои се прикажани преку облеката и движењата во перформансот „Унисекс “ Аберг ќе рече:
„Сакавме заедно со Охридскиот театар и кореографката Ана Калблад преку движењата и облеката да ги минимизираме разликите меѓу половите. Но пред се, нашата првична замисла е да бидеме неконвеницонални и да одиме спротивно од традицијата и културолошката матрица создадена низ годините која веќе е практика низ цел свет кога станува збор за родовите прашања.Токму во тој поглед се поклопија нашите сфаќања со Охридскиот театар и мислам дека успеавме да и презентираме на публиката едно ново видување за оваа универзална тема, а притоа да не бидеме феминистички настроени, туку напротив да ги сведеме на миниум родовите разлики, односно да ја потенцираме родовата еднаквост.”
Учесниците во перформаност „Унисекс” почнуваат да размислуваат за тоа што значи родот за нив и како нивните лични движења се поврзани со облеката што тие вообичаено ја носат во нивниот секојдневен живот. Претставата ,,Унисекс” е имагинација т.е таа е еден вид сенишна трансцедентација каде што половите се способни да ја менуваат формата и да преминуваат еден во друг.
„Во уметноста не може секогаш да се разбере се, но мислам дека кај публиката целиот склоп од филм, танц, драма и музика предизвика различни чувства и дека успеавме да ја заинтригираме да размислува за родовите прашања преку трите дела од кои се состои овој проект.”- вели актерката Хелена Бистром, авторка на филмската инсталација насловена „Театарот тропа на врата” во соработка со кореографката Ана Калблад.
Актерката Билјана Билаловиќ од Охридскиот театар за заедничката соработка со актерките и кореографката од групата ,, Арт Агент” додаде:
„Навистина сме презадоволни од соработката и работата на овој проект кој не застанува тука туку идната година ние ќе гостуваме во Стокхолм и таму ќе го прикажуваме овој мултимедијален проект кој навистина беше една одлична размена на идеи и искуства како што и првично беше замислено.”
Шведските уметници имаат активна соработка со македонските уметници од КЦ „Медија Артес” тековно во проектот поддржан од ЕУ, а досега мулимедијалниот проект,, Замисли си го невидливото” освен во Македонија, односно во Охрид, бил прикажан и во Хрватска, а во ноември идната година ќе биде прикажан и во Албанија.
Ивана Чичоска