Првата група деца од семејства од социјален ризик денеска заминаа на бесплатен летен одмор во Струга.  За одморот да помине во најдобар ред ќе се грижат волонтери на Црвениот крст на Република Македонија.

-Продолжуваме со реализација на проектот. Денеска ја испраќаме првата група од 100-тина деца од Скопје и Куманово. И на секои седум дена се до крајот на август ќе се реализира овој преокт со што ќе се опфатат дополнителни 2.000 деца, изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов ,кој ја испрати првата група деца на бесплатен одмор од скопската меѓуградска автобуска.

Тој додаде дека проектот за бесплатен летен и зимски одмор за децата од семејствата во социјален ризик се реализира од 2012 година и дека досега оваа поволност ја имаат искористено 9.000 семејства  во социјален ризик, а заклучно со годинава ќе ја имаат искористено 11.000 деца.

Сузана Тунева Пауновска,  секретар на Црвениот Крст истакна дека годинава се вклучени со 55 волонтери од 10 општински организации кои ќе се грижат да направат добар одмор кој ќе им остане на децата во сеќање.

-Ќе организираме голем број рекреативни и едукативни сесии, а заедно со спасителите од Црвениот крст во Струга ќе се грижиме за нивната безбедност на плажа и сите оние кои не знаат да пливаат да им се помогне да научат, рече Тунева Пауновска и додаде дека секоја година се се подобри во организирањето на летувањето на овие деца.

OhridNews