Во трагичен настан што се случи на охридското крајбрежје, згасна животот на голманот на РК Охрид и повремен сениорски репрезентативец Никола Даниловски (24).

Безживотното тело на младиот спортист било пронајдено утрово во водите на Охридското Езеро, кај Лагадин. На телото немало траги од насилство, информираа од полицијата.

Тој синоќа бил пријавен за исчезнат и по него интензивно трагала полицијата.

На местото на настанот извршен е увид, а истрагата работи на расветлување на случајот, кој ја потресе спортската, но и пошироката јавност.

Веста за смртта на популарниот „Џамбо“, како што беше познат во ракометните кругови, ја потврди неговиот клуб. Од РК Охрид жалат за изгубениот млад живот и изразуваат сочувство до семејството на Никола Даниловски.

Затечени и потресени сме од трагичната вест за прераната смрт на нашиот голман Никола Даниловски. Нашите мисли во овие моменти се со семејството на Никола, на кое му изразуваме длабоко сочувство. Загубата е огромна и не постојат зборови на утеха кои можат да ја намалат големата болка. – велат од РК Охрид, каде Никола бранеше од минатата година, а претходно има настапувано и за Пелистер и Металург.

Поради трагичната смрт на младиот голман, одложен е вечерашниот меч од Супер лигата помеѓу РК Охрид и РК Струга.

OhridNews

Трагедија во Охрид: Се удави млад спортист