Абдулај Купа од струшко Велешта, брат на обезбедувачот на градоначалникот Зиадин Села, Уран Купа, кој во февруари годинава беше криднапиран и убиен, неофицијално, е осомничениот кој и се предал на полицијата за убиството на заменик директорот на УЈП Аргетим Асани, што се случи денеска во центарот на Струга. Ова го потврдил и таткото на Абдулај, Бајрам во изјава за порталот на албански јазик „Струга лајм“, во која признава дека неговиот син стои зад убиството на Асани и дека тоа го сторил од одмазда за убиениот брат.
Официјано полицијата не го соопштува идентитетот на осомничениот, кој и понатаму се наоѓа на распит во СВР Охрид. Портпаролот Стефан Димовски истакна дека по завршување на предистражната постапка, осомничениот со кривична пријава ќе биде предаден на јавниот обвинител, кој треба да изрече понатамошни мерки.
Аргетим Асани беше убиен попладнево на улицата „Маркс и Енгелс“, кога кон него било пукано од возило во движење марка „Голф“. 42-годишниот Асани кој се здобил со повеќе прострелни рани веднаш бил пренесен во општата болница во Струга каде била констатирана смрт.
Непосредното по немилиот настан во струшката јавност започнаа да се шират гласини дека инцидентот можно е да е поврзан со случајот на киднапирање и убиство на Уран Купа. Тој исчезна на 6-ти февруари, а на 17 март мртвото тело на Уран Купа беше најдено во реката Сатеска, кај месноста викана Дупки, во непосредна близина на локален пат кој води за струшкото селото Дрслајца. Случајот не доби институционална разрешница. Четири месеци подоцна во знак на одмазда убиен е вториот човек на УЈП, што отвара многу прашања на кои одговор треба да дадат надлежните институции.
Г.М.
Полицијата има осомничен за убиството на заменик директорот на УЈП
Обновено + фото: Во Струга убиен заменик директорот на УЈП на РМ