Двајца мажи вооружени со ножеви, кои држеа заложници во црква во Сент Етјен на северот од Франција, се неутрализирани, соопштија француските власти. Двајцата вооружени мажи се убиени од полицијата, откако зедоа заложници во црква во Сент Етјен, во близина на Руен, во Нормандија, денес околу 10 часот. Според извештаите, тие влегле во црквата од споредната врата за време на мисата. Меѓу заложниците биле свештеник, две калуѓерки и двајца верници, додека уште една калуѓерка успеала да избега и да ги алармира службите. Специјалната полициска единица била пратена на местото, која со кордон ја обезбедила црквата.
Министерот за внатрешни работи, Бернард Казанев, подоцна соопшти дека двајцата мажи се неутрализирани, по преговори кои траеле еден час. Сведоци велат дека се слушнале повеќе истрели. Според непотврдени информации, од неколку француски медиуми, убиен е свештеникот на кој му бил пресечен гркланот, а ранет е уште еден заложник. Францускиот претседател Франсоа Оланд и министерот за внатрешни Казанев заминаа во Сент Етјен.
Мотивите за заложничката драма не се познати, а се случува кога Франција е во вонредна состојба по неколкуте терористички напади.
OhridNews
извор Макфакс