Музејот на вода во Градиште, кој вчера свечено беше пуштен во употреба, има голем туристички потенцијал, смета меѓународниот нуркачки иснтруктор, Милутин Секуловски. Тој во 1997 година во Заливот на коските  ја откри Наколната населба која по него го доби името Плоча Миќов град.

Во 1997 година случајно во едно најобично рекреативно нуркање ја открив таа населба. Денес десетгодишниот сон се оствари, го добивме Музејот на вода, вели Секуловски.

Тој смета дека овој археолошки локалитет ќе привлече нуркачи од целиот свет. „Ова е нов туристички локалитет во Охрид кој дава една нова димензија во нуркањето. Подводниот археолошки локалитет ќе нуди  доста можности за нуркачи како од земјава, така и од странство, затоа што нема човек кој што се занимава со нуркање да не би сакал да влезе под вода и да ја види таа праисториска населба“, рече Секуловски. Тој информираше дека во една од просториите  на Музејот на вода, ќе биде сместен Нуркачкиот центар кој ќе нуди разгледување на подводниот археолошки локалитет, курсеви за подводна  археологија и други услуги.


Секуловски кој зад себе има големо меѓународно искуство вели дека Заливот на коските кај Градиште е уникатно место. „Сум бил на многу места, но праисториска населба на платформа во вода никаде нема во светот“, вели Милутин Секуловски -доживотен градоначалник на Плоча Миќов град, како што самиот вели во шега.


Во Музејот на вода посетителите ќе имаат прилика да видат ретки археолошки експонати пронајдени за време на десетгодишните истражувања во Заливот на коските и да го почувствуваат духот на праисторијата во 8-те колиби над езерската вода. Во втората фаза, која ќе отпочне наскоро, ќе бидат изградени уште 16 куќарки со што реконструкцијата на Накоклната населба од крајот на бронзеното време и почетокот на железното време, ќе биде компелтно завршена.

Г. Момироски