Постапката за издавање на плажите на охридското крајбрежје пред хотелско-угостителските капацитети е во завршна фаза. Сите хотели пројавија интерес за закуп на плажите и ја доставија потребната техничка документација, ни изјави раководителот на секторот за урбанизам при локалната самоуправа и член на Државната комисија за издавање на плажите, Бранко Арнаудоски.
“Комисијата ја разгледа документацијата, таму каде што имаше пропусти им беше укажано на поднесителите, тие ги корегираа и се очекува до сабота да се потпишат договорите со хотелите за закуп на плажите по пат на непосредна спогодба, додека за другите плажи кои беа објавени на тендер, дел од субјектите уплатија средства и ги потпишаа договорите, додека другите се очекува да го сторат тоа исто така до крајот на неделата“, рече Арнаудоски.
Арнаудоски информира дека проектите за плажите каде не се решени имотно правните односи, какви што се случаите со крајбрежјето кај хотелот “Магнус“ и кај Феријалниот сојуз, нема да се разгледуваат додека правно не се решат случаите. За плажите кои се предмет на издавање не е поведена никаква постапка за денационализација и нема пречка да се реализираат договорите, рече Арнаудоски.
„За плажите за кои нема заинтересирани распишан е нов тендер кој е објавен во печатените медиуми и очекуваме во една забрзана постапка и овие плажи да бидат издадени“ рече Арнаудоски.
Тој вели дека закупците на плажите не треба да стравуваат за својот статус. Договорите сега се потпишуваат на две години, а закупците депонираат средства однапред за два договори. Тоа значи дека тие за наредните 4 имаат депонирано средства и никој не може да им ги одземе плажите, се разбира доколку се придржуваат на условите што ги пропиша министерството, и тие не треба да стравуваат бидејќи неможе да се случи некој некому од било кои други причини да му ја одземе плажата, вели Арнаудоски.
Арнаудоски информираше дека комисијата е задоволна од пристигнатите проекти и идејните решенија. Тие се креативни и со нивна реализација охридските плажи ќе добијат една нова, модерна и убава форма, рече Арнаудоски.
Една од плажите кои веќе се подготвуваат за главната туристичка сезона е плажа на потегот од мостот кон Горица 1 (слика на насловна страна).
Г.Момироски