Во воведното излагање заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадинов истакна дека со Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на храна се врши усогласување на домашната со регулативата на ЕУ и се допрецизираат одредбите за информациите за храната кои треба да се обезбедат за крајните потрошувачи, како и одговорностите на операторите со храна за информациите поврзани со содржината на храната, односно нејзиното означување.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски, меѓу друго, ги посочи новините кои ги носи овој закон како што се формирање Комитет за внатрешна ревизија на официјалните контроли, воспоставување национален совет за безбедност на храна и храна за животни како и мрежа за собирање податоци и база на податоци, а се уредува и работата на лабораториите за вршењето на лабораториски испитувања и анализа на храната и храната за животни.
Марија Лончар од Организацијата на потрошувачите го поздрави носењето на законот. Оцени дека законските решенија во целост треба да се применат и да нема правилници, како и дека е потребен преоден период за негова имплементација бидејќи вели, примената ќе донесе проблеми кај операторите на храна.
Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на храна го помина првото читање во Собранието. Рокот за поднесување амандмани на законот истекува утре за кога е закажана седница на матичната собраниска комисија на која на дневен ред е второ читање на Предлог законот.
OhridNews
Извор:„МИА“