Со затворањето на летните тераси ќе се зголемат контролите за спроведувањето на Законот за забрана на пушење на јавните места, вклучувајќи ги и кафулињата, ноќните барови и ресторани.

Од охрискиот Државен пазарен инспекторат велат дека се задоволни од почитувањето на законот во Охрид.

Од редовните контроли кои ги спроведуваме може да се забележи дека во 90% од охридските кафулиња и ресторани  законот се почитува, а пушачите веќе во целост го прифатија законот и не прават никакви проблеми. Бројот на изречени казни за непочитување на законот сега е многу помал од колку на почетокот, кога започна забраната, вели Ѓорѓи Бошалески од Пазарниот инспекторат.

Ова го потврдуваат и сопствениците на кафулињата.

Според нас добро е ако се извршат измени во законот и ни се овозможи да обезбедиме дел од просторот во локалот кој ќе биде наменет за гостите кои пушат, но сеуште нема одговор на нашите барања од страна на надлежното министерство. Засега сме задоволни што гостите се придржуваат на забраната и ако сакаат да запалат цигара тоа го прават надвор, вели сопственик на кафе- бар.  

Казните за непочитување на законот за забрана за пушењето се движат од 150 до 300 евра за физички лица и од 2. 500 до 4. 000 евра за правните лица.

Според анализата на Светската здравствена организација, Македонија е на врвот на листата на држави со прекумерно консумирање на тутунот. Анализата покажува дека 35% од населението консумира  тутун.

OhridNews