Собраниската Законодавно-правна комисија денеска треба да расправа за Предлог законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи, по скратена постапка, откако вчера ова законско решение помина и во Комисијата за европски прашања.

Министерот за економија Крешник Бектеши очекува законот да биде на пленарна седница на 11. или 13. месецов и да биде изгласан, по што по објавата во Службен весник ќе се отвори јавна расправа.

Бектеши уверува дека ќе нема енормно зголемување на цените на производите во периодот додека да стартува целосната примена на законот, а особено на производите за кои до крајот на минатиот месец имаше гарантирани цени.

Сум разговарал со сите домашни производители и трговци и на големо и мало. Ако се злоупотребува овој период додека се утврди целосната листа и биде објавена, и додека се менуваат договорите што ги имаат снабдувачите со трговците заради тоа што треба да им се даде период да репреговараат одредени работи кои ги имаат предвидено нивните договори за снабдување, тие знаат дека во Министерството за економија подготвени сме во текот на денот да носиме одлуки кои нема да бидат во прилог на одредени групи кои би можеле да направат такви злоупотреби, рече вчера Бектеши во телевизиско гостување.

Злоупотребите, појасни министерот, ќе ги утврдува Државниот пазарен инспекторат кој професионално ја врши работата и на дневно ниво ги следи состојбите.

Од над 2500 производи кои ќе бидат опфатени со законот, 70 до 80 проценти се земјоделски и прехранбени производи што се на пазарот во државава, а листата, најави Бектеши, ќе се проширува ако има барања.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера повторно повика пратениците да го изгласаат законот затоа што, како што рече, само на тој начин институционално ќе го решиме проблемот со евентуално зголемување на цени кои не се пазарни.

Државниот пазарен инспекторат е секојдневно на терен. Во прв момент кога ќе ни стигне извештајот дали и кои производи имаат зголемени цени, ќе се укаже и во јавноста, особено ако тоа се прави на организиран начин, рече Битиќи.

Во Комисијата за заштита на конкурентност, веќе има една претставка, а очекува новиот состав на оваа Комисијата да ја забрза работата за доколку забележи организиран начин на зголемување на цени, тоа да го спречи.

Со донесувањето на Предлог законот се очекува да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и добавувачи), кои се активни во синџирот на снабдување со земјоделство и храна. Надлежните очекуваат да се стави крај на нелојалната конкуренција во трговијата и дека овој закон ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи.

На 29 минатиот месец заврши мерката за гарантирана цена на дел од прехранбените производи, како лебот, млекото, јогуртот, тестенините, дел од месните производи, како и на безалкохолните пијалаци и пивото. Не ево сила и валдината одлука со која беа намалени увозните давачки за зеленчукот.

OhridNews