Охрид и охридско,  ќе добијат поголема заштита од државата со новиот Закон за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, што треба да биде усвоен од Собранието на Република Македонија, веднаш по Велигденските празници. Првичната форма на овој закон, во вид на Предлог-Закон, е дел од дневниот ред на седницата која е закажана за вторник, 6 април. Предлагачи на овој закон се Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за Култура.


Предлагачите на овој закон, една од причината за негово донесување ја гледаат  во фактот што мониторинг мисиите на УНЕСКО,во Македонија, во неколку наврати имале сериозни забелешки за тоа што помеѓу македонските закони не постои и ваков закон.

-Во Република Македонија досега не постоел посебен Закон со кој се имплементираат обврските што произлегуваат од Конвенцијата на Обединетите нации за заштита на светското природно и културно наследство. Оваа конвенција е делумно транспонирана во Законот за заштита на природата и Законот за заштита на културното наследство, но во овие закони отсуствува законски дефинирана обврска за донесување на План за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион и подготвување на извешај за реализација на истиот. Од таа причина се пристапи кон подготовка на Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион кој дава можност за подготовка и донесување на ваков стратешки развоен документ. –се вели во образложението на Предлог Законот.


Во него се нагласува дека друга причина поради која се пристапило кон донесување на ваков закон е и фактот што во последните неколку години евидентирана е зголемена урбанизација на крајбрежјето на Охридското Езеро.

– Со зголемената и неконтролирана урбанизација на Охридскиот регион потенцијално се загрозуваат урбанистичко-архитектонските вредности на културното наследство. Исто така со урбанизација на крајбрежјето се зголемува можноста  за загрозување на природните живеалишта и постоење на антропогени активности кои негативно влијаат врз исклучителните вредности на природното наследство во охридско.-потенцираат предлагачите на Законот.


Со донесувањето на Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион се  очекува да се постигнат следните цели:

–    создавање на услови за пронаоѓање, заштита,  популаризација и унапредување на состојбата со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион;

–    пренесување на идните генерации на исклучителните вредности на светското природно и културно наследство во Охридскиот регион како дел од општото наследство на целото човештво;

–    спроведување на научни истражувања и воспитно-образовни активности;

–    создавање на услови за оддржлив развој на Република Македонија и општините Охрид, Струга и Дебрца , преку соодветно користење на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион;

–    спречување на активности кои негативно влијаат врз исклучителните вредности на светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, и

–    вклучување на Република Македонија и општините Охрид, Струга и Дебрца  во меѓународниот систем на соработка и помош со цел меѓународната заштита на светското природно и културно наследство.

Е.Е.