Законот за Охрид кој се најавува како законско решение кое треба да го заштити природното и културно-историското богатство и да го спаси градот од урбанистичкото дивеење, никако да се донесе. И покрај најавите дека на почетокот на месец септември конечно ќе влезе во собраниска процедура, тоа не се случи.

Од владеачката ВМРО- ДПМНЕ објаснуваат дека процедурата за неговото носење е долга и потребни се одредени подготовки за да се изгласа законот.

Истовремено, бројни градби никнуваат буквално на секој чекор, очигледно без да се води грижа за негативните последици кои се нанесуваат врз животната средина, граѓаните и самиот изглед на градот. Се гради врз основ на веќе донесени урбанистички решенија во изминатиот период, кои предвидуваат изградба на висококатници и објекти.

Засега, теоретски, заштитено е само старото градско јадро каде при изработка на урбанистичките планови неопходно е мислење и од Завод и музеј. При тоа сведоци сме дека токму во стариот дел од градот има бројни надградби, доградби на куќи, како и новоизградени објекти чиј габарит често пати зафаќа и дел од улицата на која се наоѓа. Претпоставка е дека тие се градат врз основ на урбанистички решенија донесени пред да стапи во сила обврската да се носат со дозвола од Завод и музеј.

Се поставува прашањето- Не е ли задоцнето носењето на Законот за Охрид и дали кога тој  ќе се донесе, ќе има воопшто што уште да се сочува и заштити во градот?

Т. Кувенџиска